Обраќање на режисерот Илија Ико Каров

the crew mk

witness of the light posterПочитувани, Многумина од вас, на еден или друг начин, веќе сте информирани дека се снимаше документарен филм за Бигорскиот Манастир – филм кој најмногу се однесува на бројните верници со кои заедно, пет пати по ред, прославивме Велигден и Божик. Сега, на крајот од овој процес што траеше цели пет години, сакаме да ви го подариме овој филм првенствено вам и секако, ништо помалку на сите вас кои сте љубители на авторските документарни филмови. Осознавајќи колку многу ви значат: манастирот, монасите, богослужбите и над сè духовното раководство на бигорскиот Старец, Епископ Партениј, по кратко размислување и во консултација со бигорци, едногласно одлучивме дека иако сè уште имаме одредени протоколи поради корона вирусот, тоа никако нема да нè попречи да го испорачаме филмот со наслов „1000 години Сведок на Светлината“ до сите вас, кои веќе одамна го очекувате. Можеби не можеме да направиме стотина премиери поради важечките протоколи, но можеме со чиста совест и без трошка колебање, да се откажеме од сите филмски фестивали! Затоа, ако не можат сите на премиера тогаш премиерата може кај сите! Во тој контекст, овој 15 април, со почеток во 19:30 часот, „1000 години Сведок на Светлината“ ќе можете да го проследите на МТВ, на нашиот јутјуб канал и на Facebook страницата на филмот! Само колку да се знае: со прикачувањето на филмот он-лајн, ние, авторската екипа, ги губиме сите права за учества на филмски фестивали. Но тоа никако не ни предизвикува чувство дека сме изгубиле нешто. Напротив, сите вие, заедно со црнорисците од Бигорски, сте нашата најголема награда која ја добивме преку овој филм!