Лидија Христова – дипломиран професор по философија и филмолог соработник за духовно културно наследство
Да се раскаже приказна со помош на седмата уметност за нешто што е толку возвишено, обемно, тајно, скриено и мистично, како духовниот живот на една монашка заедница – е многу голема работа! Да се направи, пак, филм и во кратки црти да се прераскаже илјадагодишната „Бигорската приказна“ е исклучително голема работа. Големо нешто е и само да се обидеш тоа да го направиш, а колку ли поголемо е кога тоа дело ќе биде успешно?!
Документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“, на режисерот Илија Ико Каров е токму такво големо дело. И не само тоа, туку неговиот филм сведочи и за едно уште позначајно нешто: илјада години да се биде вистински Сведок на Светлината.
Бигорската монашка заедница има многу работи со кои може да се истакне, пофали и да ги прикаже, но за текот на приказната авторот – сценарист и режисер – го одбрал токму оној наратив кој ја погодува суштината и смислата, точно во нејзиниот извор.
„Тука се говори јазикот на вечноста“, ни кажува нараторот и визуелно нѐ вовлекува во една естетска игра на прекрасни сцени, обидувајќи се да ни ја долови недофатливата есенција, потпирајќи се на својот инстинкт или поточно на интуицијата, да се насети она што знаеме дека постои, не не можеме да го дофатиме и искажеме.
Преку историскиот вовед и подробните информации од длабоката историска ризница, како и значењето на манастирот во креирањето на една вистинска духовна атмосфера, со реални влијанија во својата околината и многу пошироко, дознаваме за корените на овој цврст темел кој е поставен за понатамошно творење на луѓето кои се поврзани со овој свет манастир. Создавањето на прекрасните традиции и преданија кои ги имаме до ден денес, како доказ за светоста на овие наши простори, потеклото на светиите кои се чуваат во манастирот – светите мошти, изградбата, дејноста на манастирот и неговата улога во преродбата на Македонија.
„Тогаш ги почувствував претците пред мене“ – е репликата што ми остави страотен впечаток. Воведувањето во монашкиот живот, преку исказите на монасите и монахињите, при што суптилно се патува низ нивните личносни вистини е битен сегмент, но она што е најважно е дека филмот ни ја открива централната личност на својата приказна – Старецот (владиката Партениј), а преку него пак централната причина и подвиг на заедницата – живиот Бог Исус Христос. Како што се вели: „Старецот е образ, подобие и икона Христова во братството, самиот Христос помеѓу браќата“.
Паралено на тоа, историската рамка и текот на приказната, нѐ запознаваат со почетоците и накратко сo повеќето тие „старци“ преку кои ова прекрасно место ја создавало и продолжувало својата приказна, запознавајќи нѐ и со есенцијалното значење на тајните на монашкиот живот во нивната светотаинска смисла, онаа смисла која зборува за стекнувањето на рајските блаженства, соблекувањето на стариот човек, распнувањето на страстите, за љубовта до болка и за слободата Христова.
„Монаштвото е ангелскиот начин на живот на земјата“, продолжува нараторот, при што преку цикличен приказ на четирите годишни времиња, режисерот нѐ носи директно во динамичниот богословски живот на манастирската духовна атмосфера. Со други зборови, филмот ги поканува луѓето длабоко да погледнат во автентичното православно христијанство.
Филмот дава одговори на најосновните прашања за секој љубопитен дух кој сака да ѕирне во тоа мистично и таинствено живеење на тие личности кои од дамнина ги гледаме по фреските и иконите – црнорисците, кои биле основа на секоја убава и значајна работа врз која се темели нашата цивилизација. Токму, како што се вели во насловот, тие се сведоци на вечната Светлина. Филмот функционира како своевиден прирачник за христијанскиот и монашкиот живот. На екранот гледаме едно ново ниво на естетика и исполнето живеење.
Филмот го исполнува гледачот со огромно визуелно богатство. Камерата постојано патува низ манастирската атмосфера и успева да ги дофати убавините и на ентериерот и на екстериерот на манастирската Обител, со изобилие на општи планови неопходни за опфат на ова огромно здание.
Истовремено, со овој филм се фрла поглед и на нашата сопствена духовност и длабоката историска приказна, која разбираме дека е повторно возобновена и постоењето на овој филм, ваков како што е, сведочи за тоа. Воскресението – пролетта, новиот почеток, докажува дека и ние можеме духовно да се израдуваме, во овие наши времиња, и да заборавиме на цинизмот и сомнежот.
„Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“, се зборовите на Господ Христос изречени во моментот кога Он ги испраќа Апостолите да ја соопштат радосната вест за словото на спасениетo.
Така и ние се удостоивме да примиме и да бидеме дел од илјадагодишното ремек-дело на Сведокот на Светлината.