На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петтиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“.
Овој филм е токму за таа „Убавина“, што веќе еднаш го спаси светот…
Всушност „1000 години Сведок на Светлината“ е букет од секогаш присно свежите цветови од илјадалетната градина на Светиот Јован Крстител во Бигорскиот манастир.
Помеѓу дисторзијата од многубројните идеологии кои обилно извираат од сите страни во нашето секојдневие, да му пристапиш како автор на овој филм, подразбираше да застанеш во првите редови на бунтот… Тоа е оној бунт за кој објаснува Валтерот во филмот.
Вистинскиот, последниот бунт!
Бунтот што мириса на љубов и што зрачи со благородност во животот на Валтер, е само едно мало камче од големиот мозаик на кој е претставено делото на дедо Партениј.
Не можам да кажам дека познавам многу владици, но сепак, со сигурност можам да кажам дека познавам еден Старец.
За отец Партениј не е лесно ниту да се говори, ниту да се пишува, истото го потврдува и јеромонах Кирил во филмот. Уште потешко е на филм да се отслика една таква личност, која речиси 30 години битисува христообразно. По Божја промисла, токму нему му се падна како Игумен да ја заокружи илјада годишнината на Бигорскиот манастир. Еден од најинтересните факти, од профана гледна точка, е што од една страна тој нема свои биолошки деца, додека од друга страна, пак, во буквална смисла тој е татко на илјадници негови духовни рожби кои: ги негува, ги расне, ги води со голема љубов низ духовното – низ животот воопшто.
Несомнено станува збор за многу едноставен човек со комплексни послушанија зададени од Бога.
Интервјуто со дедо Партениј го снимивме во последниот снимачки квартал. После неговите изјави во интервјуто, се договорив со себе дека ќе го „ремонтирам“ филмот со цел подобро да го отсликам реченото – несомнено вредеше. Во таа фаза, филмот само што не беше мигрирал од продукциската кон постпродукциската фаза.
Да ремонтираш филм е многу слично со тоа да ремонтираш брод, со една голема разлика, што во вториот случај, на домашните им се чини дека не правиш ништо. Знаете, ако не ти успее ремонтот на автомобилот – тој нема да запали, додека пак, ако не ти успее ремонтот на бродот, истиот ќе потоне. При овие интервенции никако не смееше да остане ниту најмало дупче во наративната конструкција на филмот.
Така набрзо започна синтетизацијата на апстрактните намери во конкретни интервенции во филмот, што подразбира дека процесот се отвори на сите нивоа, повеќе не постоеше ниту една од хронолошките парадигми. И беше така до самиот крај на продукциската фаза, која исто така не остана баш имуна. За пројавеното огромно разбирање сесрдно им се заблагодарувам на монтажерите Горан Костадинов и особено на Бранко Блажевски кому се падна да го затвори филмот – да ја стави црешата на шлагот или крстот на црквата, како што во овој контекст е можеби поумесно да се каже.
Несомнено доста од работите се одвиваа обратно од она што го изискува академската логика на филмот. На почетокот ми беше тешко да го сварам тоа сè до оној момент додека не сфатив дека овој филм не ѝ служи на нашата страна од логиката, туку на Неговата!
На својата!
Ова беше отворен, жив филм во сите негови фази од постоењето – од наш, до ваш. Во тој органски процес, често пати, сам на себе си наликував на мозаичар кој стрпливо трага и макотрпно ги развива сврзните, секундарни елементи на делото, откако првенствено ги „завршил“ примарните партиции на композицијата. Прекрасно импресионистичко, документарно филмско искуство – после повеќе од 4 години вака најточно и најкратко би го артикулирал процесот.
Сега пред крајот, кога ви го подаруваме филмот и тој од наш станува само ваш, се прашувам како ниту еднаш не се исплашив во периодите кога многу битни луѓе од, и за филмот, престанаа да веруваат дека воопшто некогаш ќе се случи…
Тогаш се роди една спонтана шега. На прашањето: „Кога ќе биде филмот за Илјадагодишнината?“, отсечно и сериозно одговарав „За двеилјадигодишнината“.
Всушност, никогаш немаше ниту мал простор да не се случи филмот за: Господ Исус Христос, за Св. Јован Крстител, за Св. Јован Дебранин, за Архимандрит Арсениј и за дедо Партениј, за што особено сум им благодарен на сите членови на тимот, без кои немаше да се случи овој документарен филм.
Исто така не смеам, а да не ги споменам Бигорци, кои иако не уживаат додека ги снимаш, сепак, смирено ни го открија нивното кротко и богопослушно секојдневие за нашите камери, со цел да го покажеме нивниот монашки живот во Бигорски на сите.
Во секој случај, едно искуство кое е тешко да се објасни со зборови, како да патувате со временска машина, ама ниту назад, ниту напред низ времето, туку нагоре кон вечноста, а притоа сте постојано на едно место: во Бигорски.
Најтопло би му препорачал на секој автор кој ќе добие шанса во животот да сработи нешто, било што за некој манастир, за некои монаси, беспоговорно да го стори тоа. Уште па и ако е благословен како мене, баш Бигорци да му се паднат… Go for it, do it!