Во рамки на одбележувањето на 1000-годишнината од основањето на Бигоскиот манастир наскоро светлото на денот ќе го види уште еден значаен документ. Станува збор за документарен филм за постоењето на Бигорскиот манастир, преживеаните голготи и опстанокот.
-Со благослов на игуменот на Бигорската Свештена Обител, владиката Антаниски Партениј, а по повод 1000-годишнината од основањето на нашиот десетвековен духовен светилник, професионален тим предводен од режисерот Илија Ико Каров, во изминатите две и пол години подготвува документарен филм, насловен „1000 години Сведок на Светлината“, изјави сестра Ефимија за . Додава дека филмот не само што го одбележува големиот јубилеј, туку и го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите на еден цел милениум. Во чест на јубилејот, пред два дена беше промовирана книгата „Вековитиот светилник“ на професор доктор Вера Стојчевска – Антиќ, инспирирана и посветена, како што кажа самата авторка, на воскресителот на ова илјадагодишно светилиште, епископот г. Партениј. – Авторката на еден вдахновен начин го следи неговиот неуморен подвиг во духовното градење на Светилиштето, низ примерите на монашкото секојдневие, кои и самата имала прилика да ги доживее во бројните посети на манастирот, како и личните искази на браќата и сестрите, нагласува сестра Ефимија.
Минатата недела во манастирот беше одржана научна конференција „По патеките на Дичо Зограф“, македонски иконописец, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век.
Извор: Религија.мк