Петокот на 15 април, 2022 година, во особено свечениот амбиент на големата сала на Македонскиот народен театар (МНТ), беше изведена премиерата на документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“, кој паралелно беше емитуван и на националниот телевизиски сервис (МРТВ), на YouTube каналот на Бигорскиот манастир, како и на официјалните Facebook страници на филмот и на манастирот.
Покрај монасите и монахињите од Бигорскиот, Рајчичкиот и Пречистанскиот манастир и нивниот Старец и игумен на Бигорската Обител, епископот Антаниски г. Партениј, на големата филмска премиера присуствуваа и архиепископот Охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, епископот Стобиски, г. Јаков, Претседателот на Р. С. Македонија, г. Стево Пендаровски и првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓеорѓиевска, министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, за финансии г. Фатмир Бесими, за одбрана г. Славјанка Петровска, за правда г. Никола Тупанчевски, градоначалничката на Скопје г-ѓа Данела Арсовска, останати претставници од политичкиот и општествен живот, академици, професори, голем број припадници на филмската и театарската фела, музичари, видни лица од македонското општество – сите љубители на убавото и доброто.
Присутните гости повторно ја докажаа својата умешност во соодветниот избор на модни комбинации и детали, а елеганцијата со која пленеа повеќето дами и господа, одлично се вклопуваше во свечениот амбиент на оваа наша прекрасна институција. Проекцијата на филмот помина во дух на восхит и љубопитност, која видно се забележуваше на изразот на лицата кај присутните.
Пријатната и топла атмосфера, сплотени заедно со оригиналноста на филмското дело ја посведочија многубројните изјави и коментари. Меѓу првите кои излегоа со свои впечатоци беа Претседателот на државата, г. Стево Пендаровски, Министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, како и Градоначалничката на град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, некои професори, културолози и режисери:
Претседателот на државата изјави дека присуствувал на настан кој промовирал филм што е посветен на еден од најубавите и најзначајни македонски манастири, Свети Јован Бигорски.
Гордоста на македонскиот народ и македонската Црква, симболот на непокор, кој одбележа 1000 години од своето постоење
рече претседателот Стево Пендаровски по премиерата.
Министерот Оливер Спасовски, напиша:
Јасен и опсежен приказ на монашкиот континуитет низ вековите, на аскетскиот живот на монасите од Бигорски манастир исполнет со молитва, со Божјата реч во слободата Христова, кој за световниот човек отсекогаш претставувал едно посебно, дури и мистично дејство на Божјата благодат. Бигорскиот манастир сам за себе е приказна за едно светилиште кое зрачи со својата убавина, а љубовта којашто живее, енергијата којашто извира од Братството, всушност, претставува исконски и градбен елемент на Бигорската вера, која дотолку повеќе ја дополнува грандиозноста на манастирот.
Градоначалничката Данела Арсовска напиша дека:
Документарниот филм 1000 години Сведок на Светлината ги открива таинствените убавини на Бигорски Манастир Свети Јован Крстител.
Протагонистот Благој Веселинов за Бигорски вели дека тоа е:
Духовен храм кој има простор без време. Таму сите грешки се бришат со непрекината молитва. Бигорски може да ви даде повеќе од очекуваното, оти во неговата основа лежи љубовта.
Рецензентот на филмот, пак, Влатко Деловски напиша дека:
Делото заврши токму онака како што очекував и како што претходно напишав во својата рецензија: со масовно признавање.
Професорката Светле Камџијаш објави:
Го изгледавме филмот за манастирот Св. Јован. Прекрасно нешто! Секој што ќе го гледа ќе биде прочистен. Голема благодарност до тебе Ико! Браво за екипата!
Голема благодарност до раководството, односно до вработените во Македонскиот народен театар за одличната соработка и посветеност низ подготовките.
Сесрдна благодарност до Бигорци за она што ни го дадоа, а најмногу му благодариме на есенцијата на манастирот – дедо Партениј. Поклон пред сите вас!